„Струмица знае како да вложува во вистински проекти“ – со овие зборови градоначалникот на Струмица се обрати на увидот на работите на првиот булеварски мост што започна да се гради и очекува да бидат завршени за период од една година. Булеварскиот мост „Обединување“ на реката Водочница, што го спојува индустрискиот дел со градот ќе биде широк 23 метри, со две ленти во должина од 15 метри се гради со општински пари во износ од 479.000 евра.
Градоначалникот Костадинов рече дека во само десет месеци се реализира едно до големите предизборни ветувања.
-Овој мост е основа за да можеме да го реализираме уште поголемиот проект, а тоа е новиот булевар во општина Струмица „Братство Единство“ и секако да започнеме со реализација на новиот градски пазар којшто е предвиден овде и за кој е порачана техничко – проектна документација и е во финална фаза. Со ова заокружуваме една убава година за општина Струмица и докажуваме пред цела Македонија дека и во ова време на криза, Струмица знае да биде отпорна на кризите, Струмица знае како да се вложува во вистински проекти кои се од интерес на граѓаните. Не очекуваат уште многу такви големи инвестиции во градот и населените места, една од нив, а за која веќе е распишана јавна набавка, е најголемиот проект досега во општина Струмица, а тоа е Социјалната населба во Турското маало, прва фаза. Нека ни е со среќа првиот булеварски мост во историјата на општина Струмица“, рече градоначалникот Костадинов.
По завршувањето на булеварскиот мост, почнуваат работите на нов булевар. Општинската власт е во исчекување на реализација на најголемиот проект, а тоа е социјалната населба во Турско маало.