Советот на Општина Гевгелија го прифати Елаборатот за утврдените штетите на граѓаните предизвикани од невремето што со дожд и град на 23 јуни годинава ги зафати атарите на населените места Серменин, Ново Конско и Моин. Предизвикана е штета на 15,7 хектари со земјоделски култури, главно, со лозови насади, во висина од 5,6 милиони денари. Штети од јунското невреме пријавиле 36 индивидуални земјоделци и една компанија. Оштетувањата се движат од 20 до 100%, а најголеми штети се предизвикани на 11,5 ха со лозови насади. Советот на Општина Гевгелија, по усвојувањето на Елаборатот, заклучи документот да се достави до Републичката комисија за процена и утврдување на штети од елементарни непогоди, до Владата и до Министерствата за финансии и за земјоделство.
Истовремено, беше укажано на потребата за анимирање на индивидуалните земјоделци за осигурување на земјоделските посеви и повторно воспоставување на градобијниот заштитен систем.
Советот исто така донесе Одлука за пренамена на средства во Основниот буџет, во висина од 4,1 милион денари за јавното улично осветлување, спортот и рекреацијата, библиотекарството и културни манифестации и творештво.
Со пренаменетите средства Основниот буџет останува со истиот износ, во висина од 214,8 милиони денари, како и вкупниот Буџет на Општина Гевгелија, со вкупен износ од 492,6 милиони денари.
На оваа седница, со мнозинство гласови, беше донесена Одлука за долгорочно домашно задолжување на Општина Гевгелија, за финансирање на капиталниот инвестиционен проект „Изградба на водоводна, фекална и атмосферска и канализациона мрежа на улица „Свети Климент Охридски“- Гевгелија“, во висина од 39,8 милиони денари.