Со концертот на хорот „Света Злата Мегленска“ синоќа беше означен стартот на овогодишното, 37 издание на Штипско Културно лето.
Атмосферата проткаена со автентичните ноти на убавата македонска песна, беше надополнета со древниот изглед на локацијата каде што со векови се виореше народното оро и народната песна, во дворот на Црквата„ Успение на пресвета Боготодица“ во штипско Ново Село.
Концерти, туристички хепенинг, ликовни изложби, промоции, се само дел од содржините коишто ќе се најдат на овогодишното издание на ШКЛ, посочи градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на отварањето на манифестацијата.
„ Досега на оваа најстара манифестација од културата учество зеле над 1.500 уметници. Низ годините на Штипско културно лето поминаа многу познати музички имиња, Културно уметнички друштва, виртуози на инструменти, хорови и групи од Балканот, реализирани се над 70 ликовни изложби, над 200 промоции на книги, проекции на филмови, како и повеќе други мултимедијални програми. Општина Штип 16 години е целосен покровител и организатор на оваа најстара манифестација од културата, посочи Иванов.
Еден час по концертот на „Света Злата Мегленска“во летната бавча на „Дом на млади“, концерт имаше „ФИЦ Студени нозе“.
И годинава Општина Штип го поддржува музичкиот хепенинг на туристичкиот локалитет Вртешка, во организација на Планинарското друштво „Лисец“ преку концертот на „Некст тајм, а манифестацијата ќе трае два дена, вклучувајќи повеќе настани.
Општината од својот буџет за реализација на целокупната манифестација предвиде 500.000 денари.