Во Општина Делчево во тек е пријавување штети од невремето проследено со силен ветар, дожд и град. Заклучно со 30.06.2022 до Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди граѓаните доставиле 220 пријави за штети. Пријавувањето на штетите предизвикани од невремето ќе трае до 10 јули, а претставници од Комисијата веќе одат на терен за проценка на досега пријавените штети.

Согласно со првично пријавените штети и информацијата од ЦУК-Делчево, евидентирани се штети на кровот на ООУ „Ванчо Прке”дел од кровот на детската градинка ЈУДГ „Весели Цветови”, дел од кровот на Домот на културата, каде е сместена Општина Делчево и други институции и приватни субјекти. Најголемо оштетување има на трите згради на  улица „Н.Ј.Вапцаров”, каде на две згради крововите се целосно оштетени, а од паѓање на кровната конструкција голема штета е нанесена на околни четири семејни куќи и возила кои биле паркирани во околината. Поради рушење на кровна конструкција на  објекти, како и бандера за улично осветлување во прекин беше и сообраќајот на ул.„М.М Брицо”. Оштетени се кровови на голем број на семејни куќи и објекти во целото подрачје на градот Делчево. Оштетени се и возила од паднати делови од покриви и дрвја.

 

Поради паднати дрвја на улиците: „Булевар Македонија”, „Маршал Тито”, „М.М Брицо”, „Кеј на Брегалница”, „Браќа Миладинови”, „Трст”, „Острец” и др. сообраќајот беше во прекин или се одвиваше отежнато. Поради поплавување и поголеми наноси на земја од обилниот дожд сообраќајот на улиците во понискиот дел од градот се одвиваше отежнато.Паднати се 9 дрвени и 1 бетонски  столб за снабдување со електрична енергија при што поголем дел од градот беше без снабдување со ел. енергија. Исто така поради паднати дрвја оштетени беа и кабли за снабдување со електрична енергија.Екипи од ТППЕ Делчево и ЈКП „Брегалница” со возила и механизација на терен работеа на расчистување на паднати дрвја и на наноси од земја на улиците. Исто така, поради поплавување на голем број подрумски простории се работеше и на исцрпување на водата со пумпи.

 Поради одрони на патните правци Делчево – М.Каменица и Делчево – Пехчево сообраќајот се одвиваше отежнато но, не беше во прекин. Екипи на Македонија пат работеа на нивно отстранување.Од удар на гром во село Бигла се усмртени 15 грла овци, 8 јагниња и 4 грла кози.

Во отстранувањето на штетите направени од невремето учествуваваа припадници на ТППЕ – Делчево, вработени од со механизација од ЈКП – Брегалница, екипи на ЕВН – Подружница Делчево и месното население од градот Делчево.