На чекор до официјалниот почеток на летната туристичка сезона во Општина Дојран, заеднички состанок утре на сите заинтересирани и инволвирани во туристичкиот бизнис.
Состанокот го организира Општина Дојран и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
“Ги покануваме сите угостители, хотелиери, приватни издавачи на соби и останaти лица кои директно или индиректно се поврзани со туристичката дејност да дојдат на работниот состанок и заедно да дискутираме генерално за претстојната туристичка сезона, за туристичката контрола која ќе има фидбек во локалната економија, мапирање на потенцијалите и можностите за туристички развој на општината и потребата од промоција на истата како атрактивна туристичка дестинација. Несомнено, освен езерскиот туризам, општината ги има сите услови за развој на активни и алтернативни форми на туризмот и привлекување на што повеќе домашни и странски туристи да го посетат токму нашиот Дојран“, објави на ФБ градоначалникот на Општина Дојран Анго Ангов.
Тој информира дека главната цел на посетата од страна на директорот на агенцијата,за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски е да се одржи и трибина со туристичкиот сектор и заинтересирани локалци за зголемување на туристичката понуда во Дојран. Се очекува да се дадат предлози, да се разгледат потенцијалите, потребата од зголемување на промоцијата но и да се потенцираат проблемите, и предлозите поврзани со туризмот.
Средбата ќе се одржи во хотел “Романтик” во Стар Дојран со почеток од 11 часот.