Меѓу древните вулкански карпи и пештери, на врвот над селото Лесново деновиве планинскиот мир го нарушуваат тешките градежни машини, кои работат на реконструкција на патот што води до Лесновскиот манастир. Всушност, токму од светото место, што е дом и светилиште на монасите од Брегалничката  епархија, почна обновата и проширувањето на патот. Свијоците што водат до манастирот кој одамна прерасна во верско – туристичка атракција, наскоро ќе бидат побезбедни и ќе можат полесно да се совладуваат. По завршувањето, со планинскиот пат во должина од 3,4 километри ќе се подобри врска на Лесновскиот манастир од Лесново и Пробиштип. Во увид на работите дојде премиерот Димитар Ковачевски, во придружба на министрите.

-По направената подготовка за проширување и поставувањето инсталациите за одводнување, сега е во тек асфалтирањето до влезот на манастирот Лесново. Со оваа рехабилитација Лесновскиот манастир, познатите вулканските карпи, пештерите и другите природни убавини и реткости ќе станат подостапни за посетителите. Заедно со велосипедизмот и планинарењето, во овој крај има огромен потенцијал за развој на туризмот. Реконструкцијата на овој пат е од витално значење не само за Општина Пробиштип, туку и за развој на регионалниот туризам. Лесново привлекува голем број на туристи, а реконструкцијата значително ќе придонесе за подобри услови и дополнителен развој, рече премиерот Ковачевски.

Вкупно 25 милиони денари ќе чини реконструкцијата со проширувањето и асфалтирањето на оваа делница, средства обезбедени од централниот буџет. Општината пак, како што информираше градоначалникот Драган Анастасов, од својата каса издвои средства за поставување на канализација и пречистителна станица. Градоначалникот потсети на повеќе проекти, како што рече за се’ што се направи за Општина Пробиштип во изминатиот период.

-Почнувајќи од патниот правец Пробиштип – Крупиште, обиколницата околу Ратевица и Злетово, Древено, Добрево до Пробиштип. Капитални проекти како што сме и денеска на увид на овој капитален проект од огромно значење и за поранешната Општина Злетово и за граѓаните на Општина Пробиштип но и за сите граѓани на нашата држава и надвор од неа, поради потенцијалот којшто го има Лесново. Навистина многу значаен патен правец, многу значаен проект. Се обврзавме заедно со министерот за транспорт и врски, со министерот за земјоделие Николовски и во 2020 година ја изработивме проектната документација, го ветивме овој патен правец и сега сме во момент на реализација. Дополнително сакам да истакнам дека Општина Пробиштип паралелно работи на канализација со пречистителна станица токму во Лесново поради потенцијалот којшто го има ова место, поради потенцијалот за самото Лесново, каде што се носи и урбанистички план, изјави градоначалникот Анастасов.

Пробиштип останува во приоритетите на централната власт. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски најави неколку проекти, што ќе бидат финансирани, вклучувајќи го и водоводот во Турско Рударе.

-Преку Министерството за транспорт и врски за Општина Пробиштип на располагање имаме ставено преку 680 илјади евра за реконструкција на локални улици и заедно со градоначалникот работиме на комплетирање на документацијата за улиците „Македонски револуционери“, „Христијан Карпош“ и „3-ти Април“. Исто така за подобрување на условите за живеење, до крај на овој месец ќе отпочнеме постапка за доизградба на дел од систем за водоснабдување на населеното место Турско Рудари во вредност од 5 милиони денари како и изградба на атмосферска канализација на ул. Македонски револуционери во вредност од 4.4 милиони денари, соопшти министерот Бочварски.

 

Работите на патниот правец Пробиштип-Лесново започнаа на 31 мај и додека траат работите,  ќе биде затворен за секаков вид на сообраќај во периодот од 11-17 часот секој ден се до завршување на работните активности.

фото: vlada.mk