Неделава започнаа градежните работи на преостанатите 800 метри од патот со Ума, гевгелиско. Со тоа, целосно се заокружува оваа сообраќајница, од крстосницата на патот Гевгелија – Смрдлива Вода, па се’ до Ума. Втората фаза од изградбата на овој пат се реализира во рамките на проектната програма на Југоисточниот плански регион, кој аплицираше кај Бирото за регионален развој.
Патот до Ума беше асфалтиран во 2010 година, а со овој зафат целосно се заокружува делницата до оваа населба.
-Со тоа не само што ќе се подобри сообраќајната врска до Ума, туку ќе се создадат услови за побрз развој на руралниот туризам во ова населено место, кое располага со големи потенцијали, изјави градоначалникот Андон Сарамандов.
Изградбата на последната делница од патот за Ума чини 6.700.000 денари, од кои средства од Бирото за регионален развој, преку проектната програма на Југоисточниот плански регион, се обезбедени 5.200.000 денари.
Преостанатите 1.500.000 денари ќе бидат обезбедени од страна на Општина Гевгелија, како сопствено учество.