Општина Струмица почнува со активности за изградба на целосно нова социјална населба во Турското маало, каде ќе бидат сместени семејствата кои живеат во дивата населба на влезот во градот, покрај транзитниот пат. Новата населба со околу стотина типски куќи, се планира во прва фаза да почне да се гради во текот на оваа година. Ова го најави градоначалникот Костадин Костадинов, кој рече дека ова ќе биде најголемиот и најважен проект за градот.
-Од почетокот на минатиот месец градежниот инспектор ги имаше изработено сите записници за дивоградбите на локацијата за изградба на социјалната населба и граѓаните беа информирани дека сами треба да ги урнат дивоградбите или тоа ќе го направи Општината и тоа се случи денеска. Им благодарам за разбирањето на жителите од Турското маало за тоа дека треба да има ред и дека станува збор за проект со кој ќе ја направиме Општина Струмица многу подобро место за живеење, рече Костадинов.
Проектот за изградба на нова социјална населба е во фаза на предтендерирање за проектната и изведувачката документација. Општината има обврска да го расчисти теренот со уривање на дивоградби. Костадинов рече дека никој нема да биде оставен на улица се додека не се изгради социјалната населба, а е подготвен и лично да им помогне на овие жители. За потребите на населбата ќе се работи на комуналната инфраструктура, пробивање и асфалтирање на улица.
Првата фаза од изградбата на социјалната населба се предвидува да чини 126 милиони денари, обезбедени од Владата, додека во натамошниот тек на работите ќе се обезбедат и дополнителни средства, но и да се одвојат пари од општинскиот буџет.