Советот на Општина Гевгелија, на 7 седница, ги усвои Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија, во периодот од 1 јануари до 31 декември, 2021 година и Завршната сметка на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година. Исто така, беше усвоена и Програмата за финансирање проекти од областа на НВО во општина Гевгелија за 2022 година. Членовите на Советот на Општина Гевгелија беа информирани за работата на ПС од општа надлежност- Гевгелија за 2021 година во врска со јавната безбедност на подрачјето на општина Гевгелија. Донесена е и Одлука за доделување хуманитарна помош на граѓаните од Украина, за што Општина Гевгелија ќе издвои 200.000 денари. На дневен ред за 7 седница се најде и иницијативата на Здружението на такси-компании во Гевгелија за измена на цената на такси-превозот на патници, со што почетната цена до 1 км од 50 денари се зголемува на 80 денари.
Советниците расправаа и по Годишните сметки за 2021 година на основните училишта во Гевгелија и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, за Завршните сметки, Извештаите за работа во 2021 година и Годишните програми за работа на културните институции во Гевгелија во 2022 година. Советот на Општина Гевгелија ги прифати Завршните сметки на ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, ООМУ „Васо Карајанов“, СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, JОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, додека не беа прифатени Завршните сметки на останатите училишта, ЈОУДГ Детска градинка „Детска радост“ и ЈОУ Работнички универзитет „Кирил и Методија“- Гевгелија.
Советот беше информиран за состојбата со здравствената заштита на населението и состојбата со здравствениот кадар во Јавните здравствени установи во општина Гевгелија, за работењето на АД за водостопанство на РМ- Подружница „Јужен Вардар“- Гевгелија и за состојбата со речните корита и одводните канали, нивно уредување и користење и за преземените активности на Општина Гевгелија за подготовка на Стратегијата за локален економски одржлив развој.
На 7 седница, беше разрешен поранешен и именуван нов член во Комисијата за образование, култура и спорт при Советот на Општина Гевгелија, како и разрешени поранешни и именувани нови членови во Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, во Управниот одбор на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија. А, се именуваа и членови во Советот за безбедност на сообраќајот на патиштата во општина Гевгелија.