Во Пробиштипското село Лесново ќе се гради фекална канализација и пречистителна станица за отпадни води. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов и директорката на Центар за развој на Источно – планскиот регион, Зуица Ангелова, денеска го потпишаа договорот за реализација на овој проект, кој е особено значаен за селото.
-Денеска го потпишавме договорот за реализација на проектот за изградба на фекална канализација крак 1 и крак 2 и пречистителна станица во Лесново. За овој проект општината обезбеди средства преку Источен плански регион преку Биро за рамномерен регионален развој во висина од 3,9 милиони денари, со кофинансирање од 10 проценти, вели Анастасов.
Тој посочи дека со реализација на овој проект општината не само што го решава проблемот со фекалната канализација во Лесново, туку придонесува и за почиста животна средина во ова место, кое поради Лесновскиот манастир, е најпрепознатлив белег на Општина Пробиштип.