На отворена седница на Советот, на која беа поканети и граѓаните и друга јавност, советниците предложија заклучок за преземање на мерки и активности за промена на локација на регионална депонија во село Мечкуевци. Советот со заклучокот бара да се определи друга локација надвор од општината или ако веќе останува Свети Николе како локација за постројката, да се најде друго место. Во образложението на заклучокот стои дека со изградбата на регионалната депонија за третман на отпад од 19 општини, ќе бидат повредени интересите на граѓаните на Свети Николе од аспект на заштита здравјето на луѓето и животната средина.
Советниците имаа ист став дека Мечкуевци не треба да биде локацијата на депонијата. СДСМ смета дека треба да се чујат аргументите против депонијата, додека владејачкото мнозинство е за повлекување од проектот.
Советникот од Левица дополнително предлага задолжително распишување на референдум.
Иако проектот е во напредна фаза, локалната власт на Свети Николе со оваа одлука на Советот презема активности за повлекување од проектот, со тоа што нема да назначи членови на Управниот и Надзорниот одбор.
На отворената седница на Советот присуствуваше и пратеничката од Свети Николе, Благица Ласовска, која рече дека без оглед на фактот дека десетина години трае овој проект, сепак, треба да се слушнат граѓаните и нивните интереси.
Повеќе граѓани, претставници на граѓански здруженија, заинтересирана јавност, излегоа на говорницата со својот став.
Градоначалникот Дејан Владев, кажа дека референдумот е крајното решение, доколку централната власт и’ ги одземе ингеренциите на општината. Како што рече Владев, општината може во секој момент да се направи ребаланс и да се одржи референдум.
-Го поддржам советникот од Левица, на иста линија сме, крајна цел е да се дислоцира, но ако централна власт притиска, референдумот е неминовен и ќе го спроведеме, изјави Владев.
Фабриката за преработка на отпад е проект на Европската Унија (ЕУ), која одвои 40 милиони евра неповратни средства за изградба на регионална депонија по европски стандарди за Источниот и Североисточниот плански регион. Со средствата од ЕУ сите 19 општини добија камиони за собирање на комунален отпад и контејнери за селекција на отпадот. Исто така, се изработи целокупната проектна документација за локацијата кај Мечкуевци, која самата чини неколку милиони евра.