Градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, во отчетот од 100 дена од преземањето на функцијата, најави пролетна градежна офанзива, но и комплетно преиспитување на наследените, како што вели нефункционални проекти. Најкрупниот е тој што трае со години, за изградба на регионалната депонија кај Мечкуевци, која според Владев, повеќе ја нема дозволата на граѓаните да се гради на таа локација. Всушност, според градоначалникот на Свети Николе, граѓаните никогаш и не дале согласност за најчиста локација во село Мечкуевци. Општината Свети Николе, дефинитивно се повлекува од проектот во кој се вклучени 19 општини.


-Тоа не е моја лична одлука, туку на граѓаните, кои тоа јасно го кажаа во предизборниот период, во непосредните контакти со граѓаните, особен тие што гравитираат таму. Општ став е дека таа депонија не треба да се изгради таму. Не е мој инает, туку став на граѓаните од кои сме избрани и од кои црпиме легитимитет, вели Владев.

Овој стави им е пренесен и на институциите од централната власт.
Деновиве за ова ќе се расправа и  на седница на Совет, каде како единствена точка на дневниот ред ќе биде регионалната депонија со покана до сите заинтересирани страни за да го кажат своето мислење.
Според Владев, има други локации на територија на Свети Николе, кои се празни, пусти покрај патот Велес – Штип, каде нема земјоделски површини, нема население.
За претстојниот период, градоначалникот најави, како што рече градежна експанзија.
– Им ветувам на граѓаните, ќе има цела плејада на проекти, а дел ќе бидат префрлени во 2023-та. Ќе бидат вклучени помали и поголеми проекти оставени од претходната локална власт.
Една од позначајните новини е изградбата на цела нова населба што ќе никне на потегот кон селото Кнежје, со плацови за индивидуално домување, за кои урбанистичкиот план0 4-5 години бил закочен во Министерството за транспорт и врски.

-Очекуваме овој месец да ни се одобри еден урбанистички план со 106-7 плацови за индивидуално домување кој Кнежје, со плацови по околу 500 м2 за едно домаќинство, што е сосема нова населба. Ќе биде прекрасно место за живеење и за краток временски период ќе го пуштиме на аукција, соопшти Владев.
Градоначалникот на Свети Николе е дециден дека платен паркинг нема да има и покрај тоа што веќе се изградени две рампи според потпишаниот договор меѓу ЈКП и фирма од Скопје, кои  склучиле договор на 6,7 милиони денари.
-Во фаза сме на преговори, може ќе завршиме и на суд. Рампа во Свети Николе нема да има, ќе си ги извадат рампите или ние ќе ги извадиме. Се работи за нефункционален паркинг. Во догледно време не верувам дека ќе има платен паркинг. Ако некогаш воопшто има паркинг, бидејќи има одлука на Совет, ќе биде симболична цена 5-10 денари, изјави градоначалникот Владев.


Во интервјуто, градоначалникот на Свети Николе зборува и за проблемот со системот за греење и ладење во Домот на култура, за кој вели дека се потрошени 160.000 евра, а не е функционален. Потоа за долговите на ЈКП, кои според досегашните пресметки се 69 милиони денари или 1.200.000 евра. За финансиското работење, побарана е државна ревизија, а нарачна е и приватна ревизија. Владев зборува за плановите за развој на градот, распишаните тендери, а претстојната манифестација „Тодорица“, по паузата поради пандемијата, годинава се најавува дека ќе се одржи во полн состав, на отворено со учество на домашни групи и фолклористи од регионот, а гости ќе бидат и Андреј и Панчо од „ДНК“.