Откако поголем дел од Штип цела ноќ остана без вода поради дефект на главната водоводна Линија 1, сега водата која тече од чешмите штипјани може да ја користат само како техничка вода.
Од Јавното претпријатие Исар апелираат водата да не се користи за пиење и за готвење.
– Поради прилагодување на параметрите на SCADA системот во делот на хлорирање на водата ги известуваме граѓаните на Општина Штип дека наредниот период до наше следно известување водата од дистрибутивниот систем не треба да се користи за пиење и готвење и истата да се користи само за техничка употреба, велат од ЈП Исар.
Инаку откако вчера се потпиша договорот за преземањето на вода од ХС Злетовица, официјално почна и комбинираното снабдување на вода од бунарскиот систем заедно со преработената вода од Злетовица.