Општина Куманово распиша јавен оглас преку кој се повикуваат сите младински организации и организации за млади кои се регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации и Законот за младинско учество и младински политики да поднесат пријава за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар во Куманово.
Во согласност со Законот за младинско учество и младински политики, младинските центри се места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите.
Младинските центри се основаат во соработка меѓу општините и младинските форми на организирање регулирани во законот.
-Со Одлука бр.09-7216/4 од 22.09.2021год, донесена на седница на Совет на општина Kуманово, општина Куманово основа Младински центар кој преку јавен повик ќе биде доделен на управување на младинска организација или организација за млади во временски период од 3 години, и тоа од февруари 2022 до февруари 2025 година. Организациите потребно е да достават соодветна програма за работа на центарот преку која ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе и нивното активно вклучување во животот на заедницата преку:
- Неформално образование: обучување и подучување на млади;
- Информирање, менторство, подучување и советување;
- Информално искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности организирани за и од млади.
Младинскиот центар во Куманово треба да биде од отворен тип и да им биде достапен на младите најмалку 40 часа неделно, распоредени во најмалку 5 дена.
Заинтересираните организации потребно е да достават:
- Пријава и годишна програма за работа на Младинскиот центар за периодот од февруари до декември 2022 година
- Буџет за спроведување на предложената програма за периодот од февруари до декември 2022 година
- Портфолио на организацијата која се пријавува на јавниот оглас, во кое јасно се гледа нивниот придонес и работа во сферата на младинската работа
- Биографии на сите лица кои ќе бидат ангажирани во спроведување на годишната програма – квалификувани младински работници врз основа на Националното портфолио за младински работници
- Тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија не постара од шест месеци од организацијата или организациите
Висината на финансиски средства од Буџетот на Општина Куманово за 2022 година е во процентуална вредност од 50% до 70% од потребните средства за реализација на поднесената Програма за работа на Младинскиот центар Куманово, но не повеќе од 600 000денари.
Градоначалникот на општина Куманово, ќе формира Комисија за разгледување и евалуација на поднесените пријави по Јавниот повик, којашто врз основа на доставената документација за исполнување на критериумите, во рок од 3 (три) дена по завршување на рокот од Јавниот повик, до Градоначалникот ќе достави Мислење со предлог за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар.
Врз основа на доставеното Мислење од Комисијата за разгледување и евалуација на пријави, Градоначалникот на општина Куманово, ќе донесе Одлука за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар.