Во Општина Карбинци, заврши асфалтирањето на улицата во село Таринци. Улицата е со должина од 160 метри. Планирани се вакви активности и други населени места во општината, информира градоначалникот Виктор Паунов.
„ Во општината во овој момент се заврши со проектот за изградба на пристапна улица и мост во селото Карбинци. Она што паралелно се работи е една улица во должина од 160 метри во село Таринци и еден проект којшто е веќе пред потпишување договор а тоа е асфалтирање на една улица во село Долни Балван. Исто така се работи на партерно уредување, коешто го почнавме пред извесно време на влезот на село Таринци. Од покрупните проекти коишто беа во тек кога ја презедов функцијата е водоводот за селата под Плачковица а веќе сме на почеток на активностите за поставување на цевководите во функција на Филтер станицата ,“информира Паунов.
Главниот проблем со кој што во моментов се соочува општината е Јавното комунално претпријатие „ Плачковица“ коешто според градоначалникот се соочува со блокади во работењето.
„Тоа недомаќинско работење во минатото, еве сега се рефлектира. Практично сме на граница на рентабилно работење. Она што за жал е најкритично е што испорачувањето на услугите на дневна основа е под знак прашалник , доколку не се подобрат условите,“додаде Паунов.