Од Дорсет, во јужниот дел на Велика Британија преку Италија и Албанија тројца пожарникари од Операцијата Флоријан, влегоа во државата со три противпожарни возила со комплетна опрема за спасување и гаснење пожар. Во Свети Николе им беше крајната станица, каде изминатите денови се вршеше обука со колегите пожарникари. Тројцата британски пожарникари денеска го предадоа возилото на професионалните пожарникари од единицата во Свети Николе, што ќе биде второто возило што Свети Николе го добива од невладината организација Операција Флоријан.


Командирот на Противпожарната станица, Рој Бараклој, кој 40 години е професионален пожарникар, предавајќи ги клучевите на возилото, рече дека интересно е што првичната соработка со македонските пожарникари всушност почнала од Свети Николе, со првата донација на возило на Доброволното противпожарно друштво, кое се’ уште е функционално.


-Целиот проект започна во 2007 година овде во Свети Николе, каде што првиот контакт беше Доброволното противпожарно друштво во Свети Николе, првата донација беше во 2007 година и еве не сега во 2021 –ва. Целата опрема се’ уште е во употреба и сите возила се во употреба, рече Бараклој.
Возилото е старо 20 години и било употребувано од Противпожарната станица на Дорсет. Опремено е комплетно со опрема за спасување и гаснење пожари, што вклучува, светла, скали, противпожарна опрема и се друго што е неопходно за спасување со катастрофи. Командирот на светиниколската Противпожарна територијална единица, Александар Лазев, вели дека за нив е значајно што покрај неколкудневната обука од британските колеги, добиле и комплетна лична опрема.
-Добивме многу опрема, оваа опрема што ја поседува возилото е комбинирана и може да служи за за сообраќајќи, за пожари, ова е брзо возило, брзо се стигнува на пожарот. Исто така сакам да нагласам дека ни донираа и опрема за нас пожарникарите за гаснење на пожарот и многу сме благодарни на нив и сите што се вклучени во организацијата, кажа Лазев.


Светиниколската Противпожарна територијална единица брои 16 пожарникари и четири постари возила, од кои едното не е во употреба. Изминатиот период имале еден поголем пожар кај Богословец, но често се повикувани на помош при сообраќајќи на автопатот Штип – Миладиновци. Моментално се без простории и привремено се сместени во објектот на Југотутун во стечај. Противпожарниот дом беше урнат до темел и таму требаше да се гради нов, преку грант од Американската амбасада. Според најавите, требаше да биде готов овој месец. Градоначалникот Дејан Владев рече дека проблем е што веќе неколку месеци се застанати работите, за што веќе почнале преговори со изведувачот, со цел да се види каде е застојот. Во меѓувреме, се бара простор за возилата, кои дел треба да бидат подготвени за интервенција и во зимскиот период полни со вода.


-До денес од кажувањата на пожарникарите, веќе четири месеца таму нема никаква изведба и затоа сме приморани во овој период го користиме просторот на АД Југотутун во стечај  каде што се сместени возилата и пожарникарите. Но, сега за наредниот период, бидејќи во зима на минусни температури мора да има две- три возила коишто ќе бидат полни со вода и таа вода не смее да замрзне. Затоа преговараме со соседниот објект за да можеме да ги сместиме овие возила, коишто се затворени и нормално да има некое затоплување, за не дај Боже и во зимскиот период излезе некој пожар да бидеме подготвени во секое време, кажа градоначалникот Дејан Владев.
Пожарникарите и Општината се благодарни на донацијата на Операција Флоријан, чии членови донесоа возила и во Новаци и Македонска Каменица. Операција Флоријан е непрофитно друштво, кое со години ги обезбедува македонските пожарникари со возила, опрема и ги обучува. До сега има донирано 27 возила, и како што вели командирот Бараклој, сите се во функција.