Град Скопје го распиша тендерот преку кој ќе се бара оператор што ќе го изгради Бас рапид транзит системот со кредитот од Европската банка за обнова и развој ЕБОР, а со кој треба да се намали сообраќајниот метеж во главниот град. Од Град Скопје го најавија ваквиот систем како темелна промена, а веќе следниот јуни кога треба да започне изградбата на овој систем ќе се знае и изведувачот.
– Ова е проект креиран од најреномирани експерти од Скопје, Битола, Белград, Лондон и Брисел. Автобуси ќе минуваат на секои 3 до 4 минути на посебна, независна и непречена траса. Ќе работат на хибриден погон на гас и електрична енергија – информираа од Град Скопје додавајќи дека билетот би чинел колку сегашната цена на јавен превоз или помалку.
-Со ова правиме крупен чекор кон изведба на современ, еколошки, брз и ефикасен јавен превоз. Скопје е првиот град на балканот што ќе воведе БРТ систем, што е успех на целата држава – додадоа од Град Скопје, потенцирајќи дека ефикасноста и исплатливоста на оваа инвестиција е потврдена од низа домашни и меѓународни проекти, вклучени во него.
На решението работеле професори од универзитетите во Скопје и Битола, од Белград , Лондон и Брисел, а проектот е финансиран во рамките на мрежата на зелени градови.
Во однос на придобивките кои скопјани ќе ги имаат со оваа инвестиција и што таа ќе значи за животната средина, од Град Скопје објаснија дека проектот опфаќа воспоставување на две линии односно два коридора за автобусите и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.
Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде во должина од 13 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и два терминали во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65 000 луѓе дневно. Со имплементација на првата фаза се очекува времето на патување од сегашните 70 да се преполови. Времето потребно за едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде помало од 35 минути.
Автобуси ќе има на секои 3 до 4 минути по примерот на метрото – уверуваат надлежните.
Бас рапид транзит ќе функционира во посебна траса, независна од друг вид сообраќај. Патниците точно ќе знаат во која минути пристигнува автобусот и во која минута од часот ќе пристигне на посакуваната дестинација.
Автобусите ќе бидат хибриден погон на гас и електрична енергија со должина од 18 метри. Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт којшто ќе биде доволно атрактивен што ќе овозможи намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на аерозагадувањето.
Сите други автобуски линии ќе се поврзуваат со БРТ системот по примерот на светските метрополи. Со еден билет ќе може да ги користите и автобуските линии и БРТ системот. Патниците од поодалечените места ќе имаат линија којашто ќе ги носи и спојува со БРТ за целосна поврзаност на мрежата на транспортот – соопштија од Град Скопје.