Интензивно се работи на реализација на инфраструктурните проекти во Делчево кои се дел од Проектот за поврзување локални патишта во РСМ, кој Миистерството за транспорт и врски го реализира со финансиска поддршка на Светска банка. Увид во градежните работи на ул. „Орце Николов“ денеска извршија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.
Како што истакна министерот Бочварски, Делчево во овие четири години го доби својот изглед на модерен град.
-Денеска извршивме увид во реконструкција на улицата „Орце Николов“. Ова е една од улиците во градот со чија реконструкција ќе се подобрат условите за живеење на граѓаните. И не е случај само со оваа улица. И на улицата Скопска и на улицата Острец, со реконструкција на локалниот пат до Тработивиште. Со сите овие инвестиции го менуваме ликот на Делчево и овозможуваме подобри услови за живот на сите граѓани, истакна Бочварски.
Тој додаде дека во Делчево и нема регионален пат кој не е рехабилитиран. Целосно е рехабилитиран патниот правец од Кочани до Делчево, потоа од Делчево до Пехчево, понатаму патот до Звегор, транзитниот булевар. Освен во патишта, се инвестираше и во комуналната инфраструктура- завршена е изградба на атмосферската канализација во Милково Брдо, каде вложивме 11 милиони денари, а со средства од ТАВ- програмата, предвидена е инвестиција во висина од 5 милиони денари за реконструкција на училишната фасада на основното училиште Ванчо Прке.
-Овие погранични општини ни се од особена важност заради регионалното поврзување, пограничната соработка со соседните општини и затоа вложуваме и инвестираме за подобар живот, полесно поврзување и раздвижување на економијата и генерално, за просперитетна иднина на сите граѓани, истакна Бочварски.
Во населбата Ново Делчево привршуваат работите за реконструкција на две клучни сообраќајници „Скопска“ и „Орце Николов“, со вкупна должина од 750 м, а деновиве започнуваат гардежните работи и на ул „Острец“ каде ќе се прошири коловозот на критичната кривина и ќе се изгради потпорен ѕид со што ќе се подобри безбедноста во сообраќајот на овој дел од улицата, а интензивно се работи на изградба на патот Делчево-Тработивиште во должина од 5,3 км со што се добива уште една сообраќајница која овозможува полесен пристап до селата Тработивиште и Разловци, односно се гради уште една патна алтернатива за овие две села во Делчево.