По успешната кампања на јавното претпријатие за вдомување на бездомни кучиња во нашата земја, мисијата продолжи во САД, а сега веќе и низ Европа.
„Бројот на бездомни кучиња на улиците и трендот на напуштање миленици се трудиме да го претвориме во тренд на вдомување и одговорно сопствеништво. Миленикот треба да биде член од семејството и чувањето куче е сериозна одговорност. Затоа само оние кои се навистина подготвени да се посветат на истиот можат да се најдат на нашата листа на вдомувачи“, велат од ЈП Лајка.
Од таму појаснуваа дека за да вдомите куче од Лајка всушност е највисок акт на хуманост, соработка и доверба во нивната институција. Награда за нашиот труд, пожртвуваност и посветеност, велат од Лајка.
„Од прв ден срцето на Лајка чука како едно на сите нас членови од тимот и секое едно куче кое го поминало прагот на прифатилиштето. Нашата работа менува судбини, спасува животи и допира до сечија душа. Нашите приказни се вистински, од скопските улици, тажни но со среќен крај. Нашето работно време нема време за чекање, празник, нема ноќ и викенд. Кај нас секое куче станува член на нашето семејство, кое од ден на ден расте и се зголемува“, информираат од Лајка.
„Сакаме бескрајно да им се заблагодариме на сите наши поддржувачи, вдомувачи, фостери, здруженија, донатори, волонтери, на градската управа која влезе во оган со нас и на сите дежурни критичари. Вие не правите подобри, похрабри, поиздржливи и поистрајни во нашата мисија. Новите вдомувања од Лајка во Германија, Белгија и Шведска се само патоказ дека сме на вистинскиот пат, а на претпријатието му дадоа нова душа“, велат од Лајка.
Досега Лајка има вдомено над 150 кучиња во земјава и во странство.