Нормално е опозицијата особено во овој предизборен период да излегува на прес-конференции и да обвинува, но барем тие обвинувања да бидат засновани на факти и докази, одговори денес директорот на Ј.П Исар, Здравко Коцев на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ Штип, презентирани на саботниот прес.
Тие го обвинуваат директорот дека Ј.П Исар ги зголемил трошоците за гориво во 2021 година за пет милиони денари и дека претходната година, проекцијата била да се потрошат 15 милиони денари, а оваа година пораснала дури до 20 милиони денари.
фото-prt sc
„Нејасно е како од сите можни компании, на тендерот добила компанија на човек, кој е пријател на директорот на ЈП Исар? Дали 2021 како година на избори влијаела на зголемување на износот кој ќе се троши за горива? Или пак се работи за бизнис интерес на директорот? “ прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„На 11 јули 2016 година, Ј.П Исар склучил договор со економскиот оператор ,,Ваго Петрол“на сума од 15.331.000 денари. Тогаш цената на горивото била 61 денар. На 30 август оваа година Ј.П Исар склучи договор со економскиот оператот Де Буено за јавна набавка во износ од 16.500 000 денари, а цената на горивото била 71 денар. За овој меѓупростор Ј.П Исар се стекна со нови шест возила од донации,“ образложи денес Коцев.
Тој додаде дека со неговото доаѓање на чело на јавното претпријатие , собирањето на смет се одвива по двапати во неделата, а ако има потреба и по трипати. Сега тоа е вообичаена шема, за разлика од порано кога ѓубрето се собираше еднаш во неделата.
„И кога ќе се погледне каква е разликата на цената во 2016 и во 2021, лесно може да се види дека оваа е само уште една лага што ја пласираат пријателите од ВМРО-ДПМНЕ,“ додаде Коцев.
Во врска со обвинувањата околу изборот на операторот за јавната набавка за гориво, Коцев вели дека тој 60 години живее во Штип и има многу пријатели , меѓу нив и со сопственици на фирми кои што се занимаваат со тој бизнис.
„Сакам да потенцирам и уште нешто, на аукцијата и да сакам да ја наместам работата не можам, оти тие сами меѓу себе си се натпреваруваат, кој ќе даде подобри услови. Ние немаме врска со формирањето на цената,“ додаде Коцев.
Во врска со денешното обвинување од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за наводно селективното однесување на Ј.П Исар во однос на А.Д Баргала , кој и покрај тоа што има неподмирени милионски долгови за вода, се уште не е на извршител, Коцев вели дека кон фабриката е преземено се’ што е потребно.
„ Си има редослед, опомена , па уште една, пред тужба, тужба и на крај предметот оди на извршител. Тука нема милост за никој,“ додаде Коцев.