„Нашата работа е да ги смируваме луѓето, нашата работа е да им помагаме на граѓаните, нашата работа е да го поддржуваме бизнис секторот. Тоа нема алтернатива. За такво Скопје и за таква Македонија заслужувате секој ден да бидеме заедно, да се бориме, да ги решаваме проблемите, зашто ни е доста од поделби и од караници, доста ни е од меѓусебни прозивки“, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на свеченото отворање на фабриката за кабли „One cable“, во индустриската зона „Сарај“.
„Оваа приватна инвестиција е вредна над три милиони евра, вработува триесетина високостручни лица и е фирма што ја применува најновата светска технологија за ваков тип кабли. Ова е вистинскиот доказ дека си ги спровел вистинските политики, пораките што се пратени кон општеството, пораките што се упатени кон граѓаните и кон бизнис секторот. А тие пораки се пораки дека успеавме во овие четири години да креираме стабилност, стабилност на меѓународен план, стабилност на внатрешен план, стабилност во економските политики на Владата, стабилност во доктрината за развој на единиците на локалната самоуправа. Ова е само доказ дека Скопје е еднаков град за сите. Драго ми е што вие успеавте да ја препознаете политиката која беше креирана во нашиот град, како и инфраструктурната и институционалната поддршка која што ја дадовме. Дајте да креираме политики, политиката мора да биде натпревар на идеи, натпревар во поддршка на граѓаните, а не натпревар на црнила. Јас сум убеден дека граѓаните тоа го препознаа. Посакувам овој погон што е можно поскоро да го проширите“, рече денеска градоначалникот Шилегов.