Децениската заложба штипјани постојано да бидат снабдени со квалитетна вода за пиење полека станува реалност. Со завршување на реконструкцијата на филтер станицата за прием на површински води од ХС Злетовица, Штип месецов и официјално ја почна фазата на тестирање, а вода од овде во полн погон ќе протече на почетокот на идната година.
-Капацитетот на новата станица е доволен да ги задоволи сегашните потреби на Штип и штипјани за вода и во најкритичните периоди. Објектот и опремата за новата станица за ултра-филтрација се набавени со одобрени 3,6 милиони евра неповратна финансиска помош, средства добиени од Владата на Република Северна Македонија преку ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Управата за водостопанство, истакна градоначалникот Николов.
Почетокот на користење на вода од ХС Злетовица, сепак не значи дека досегашниот систем за водоснабдување од Брегалница ќе биде заборавен, туку напротив, ќе се одржува и ќе служи како резервен систем за водоснабдување.
Премиерот Зоран Заев потенцира дека откако ќе заврши фазата на тестирање на сите аспекти на работата на пречистителната станица, штипјани ќе добиваат најквалитетна вода за пиење, произведена по светски стандарди.
-Супер модерната пречистителна станица за вода за пиење во општина Штип со најсовремена технологија – ултрафилтрација, ќе работи со капацитет од 300 литри во секунда, со што општина Штип ќе има најголемата станица од ваков тип во државата и соседните земји. За пречистителната станица во Штип беа издвоени околу 6 милиони евра, средства од граѓаните на нашата земја издвоени од буџетот Владата на Република Северна Македонија, рече Заев.
Вицепремиерот Битиќи самиот проект за ХС Злетовица, го нарече исчекор во развојот на источниот регион. Штипската пречистителна станица пак, според него е спој на висока техонологија од Словенија и иновативност од Јапонија.