Ова е еден мал дел од книгата „Мојот влог за Македонија“ 2 дел, на делчевецот проф.д-р Трајан Гоцевски која беше промовирана во Делчево во рамките на Програмата за одбележување на двата значајни датуми од историјата на Делчево, ослободувањето на Делчево, 7 Септември и 30-годишнината од Денот на независноста.
На промоцијата присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски, како и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој беше и промотор на новото дело на проф. Гоцевски.
Спасовски во своето обраќање истакна дека ова дело е, всушност еден обемен, во одредена мера автобиографски, но и хроничарски потфат, богат со бројна документаристичка фактографија.
-Делото е важно сведоштво за многу важни општествено-политички собитија, како во годините што претходеа на нашето државно осамостојување, така и за годините на самостојно државно-политичко суштествување на македонската држава и државност, истакна Спасовски.
Авторот проф.д-р Гоцевски потсети на важни настани од периодот на создавањето на независноста на државата, мирното повлекување на војската и мирнотоп одвојување од тогашна Југославија.
-Почувствував потреба да споделам дел од моите 7-децениски искуства, за ангажманите во период за кои нема многу автентични документи, најголем дел од настаните се одвиваа зад завесите и ми претставува посебна чест што на вакви значајни датуми за моето Делчево и за државата во која сум се вложил максимално, да го промовирам моето ново дело, рече Гоцевски.
Градоначалникот Горан Трајковски, во своето обраќање истакна дека денеска ја живееме оставштината од храброста и одлучноста и на борците од НОВ и на бескомпромисните лидери кои се вложија за оваа земја да чекори по евроатлатскиот пат извојувајќи ја со Референдум и мудра политика -независноста на македонската држава во 1991 на 8 Септември.
– Многу од тогашните заложби денес, кога се одбележуваат 30 години од независноста, се реалност. Северна Македонија е членка на НАТО и живееме ново поглавје од демократскиот развој на нашата држава.Во едно такво општество, го градиме Делчево по европски терк. Тоа е мојата визија и борбата на мојата генерација истомисленици- европско Делчево со сите нишани, од инфраструктура, до квалитет на животот, рече Трајковски.
По повод Денот на ослободување на Делчево и Денот на независноста, градоначалникот Трајковски додели посебни признанија на претседателот на РСМ, Стево Пендаровски и на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за нивната максимална ангажираност во борбата со огнената стихија во Пијанец и развојот на Делчево. Признанија добија и поранешниот премиер на РСМ, Љупчо Ѓеоргиевски, проф.д-р Трајан Гоцевски, а постхумно признание за посебен придонес во развојот на Делчево доби и МилкаТакева-Григоријевиќ, истакнат политиколог од Делчево.
Во културно-уметничкиот дел од програмата настап имаа Пејачката грипа „Ѓурѓа“ и ФГ „Копачка“ од с. Драмче.