Голем број на посетители, особено во пикот на сезоната односно од 20-ти јули до 20-ти август, годинава летувале во Дојран, а локалните власти се задоволни од текот на туристичката сезона. Високите температури преку целото лето, кои започнаа доста рано оваа година, дури и во јуни месец, се одразиле со зголемена посетеност на туристите.

Дојран летово ги пречекуваше своите гости и со новоуредени плажи, како плажата Стејџ, и плажа Калдрма, а подновени за сезоната се покажаа и останатите плажи. Според градоначалникот Анго Ангов, одредени пропусти се појавиле и годинава, но заклучокот е дека сезоната успешно започнала и така и ќе заврши.

„ Се уште имаме туристи и очекуваме и за 8 септември да имаме посетители. Сега малку со влошување на временските услови и заладувањето се повлекоа и туристите, но очекуваме за викендите пак да биде преполно во Дојран – вели градоначалникот.

Концесионерите се задоволни од посетеноста на плажите, велат општинарите, а тоа го покажува и големиот број на туристи кој се уште не е конечен. Концертите и другите културни настани кои се организираа летово, дополнително го направија Дојран барано туристичко место оваа сезона.

Р.Ш