Третиот ден од Манифестацијата Научно културни средби „Десет дена Крушевска Република“ помина во знакот на ликовната уметност, презентација на модни креации и музички концерт во чест на Тоше Проески.
Пред споменикот Македониум се одржа ликовна изложба и презентација на модни креации подготвени од студенти од Технолошко техничкиот факултет, катедра за архитектура и дизајн при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Модните креации беа претставени од учесници од факултетот и млади од Крушево.

По завршувањето на овој настан на т.н. „летна сцена“ во рамки на Музејот на НОБ се одржа концерт насловен како „Музички спектакл“ од Влатко Груевски тенор и Андреј Наунов на пијано. Концертот како и секоја година е посветен на музичката ѕвезда Тоше Проески.

Во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ се одржа „Вечер на влашки песни“ на која беа претставени уникатните влашки песни во изведба на неколку здруженија и граѓани Власи.

„Драго ми е што сум денес тука и имам прилика да го отворам овој 4-ти ден од Десет дена Крушевска Република. Влашката култура, влашките верувања, влашкиот начин на живот, вашите обичаи отсекогаш биле нераскинлив дел од Крушево. Тоа се потврди и во Илинденското востание кога сите народности застанале сложно, заедно и единствено за да го спасат Крушево и да ја прогласат првата република на Балканот.“, изјави градоначалникот Христоски на отварањето на вечерта посветена на влашката песна.

Вечерва во рамки на „Десет дена Крушевска Република“ не очекуваат уште два настани:
19:00 Театарска претстава „Мендо и Мајло“ на летна сцена
21:00 Концерт на Skopje JazzInc пред споменикот Македониум