Денеска започна реализацијата на уште еден голем инфраструктурен проект за Скопје – изведбата на клучката кај Момин Поток, која е една од двете главни рути што ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот. На почетокот на градежните работи се обрати градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Станува збор за огромен проект во вкупна вредност од околу 18 милиони евра, чија изведба ќе трае од 2 до 2,5 години. По својата комплексност се работи за најсложениот сообраќаен проект којшто Град Скопје го има изведувано од 1965 до денес, каде што сличен, но поедноставен проект за изведба беше тој на клучката кај хотелот „Континентал“, изградена пред 15-тина години. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на 2 кружни тека, каде што првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8.Септември и улицата Скупи и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар Словенија каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем“, рече Шилегов, на денешната прес-конференција.
Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар Словенија изнесува околу 1.600 метри. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД булеварско осветлување, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.
Проектот предвидува и изградба на 2 моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница, како и изградба на надпатник во продолжение на бул. 8. Септември, над бул. Никола Карев, со распон од 42 метри, потпорни ѕидови со вкупна должина од 2.000 метри, атмосферска и фекална канализација. За непречено одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај предвиден е пешачко-велосипедски надпатник над бул. Никола Карев и 3 подземни пешачко велосипедски премини во рамки на денивелираниот јазол на спојувањето на бул. 8. Септември со бул. Никола Карев.
„Сакам да нагласам дека во 2017 година кажавме дека ќе работиме и градиме по план. Во делот на сообраќајната инфраструктура во северниот дел од градот ги завршивме булеварите, Никола Карев, Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски Карпош, и ако на тоа ја додадеме и оваа клучка и нејзиното поврзување со булевар Словенија, и сега веќе се гледаат резултатите од ваквото планско работење“, нагласи Шилегов.
Тој додаде дека создавањето на инфраструктурни услови во северниот дел на градот неминовно води до намалување на притисокот на урбанизацијата во јужниот дел, која се случува повеќе децении наназад, заради нерамномерниот развој на различните делови од градот.
На прес-конференцијата Премиерот Зоран Заев истакна дека Владата на РСМ во континуитет работи на давање на финансиска и политичка поддршка за проектите кои се во насока на подобрување на животот на граѓаните. Владата тоа изминатиов период ќе го реализира преку 94 проекти во целата земја, каде што преку реализацијата на ТАВ Програмата се предвидени 49,7 милиони евра.
На денешната прес-конференција присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски и Заменик на Претседателот на владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.