Во реновираните изложбени салони на Музејот на град Скопје во петокот беше отворена изложбата „Што би се случило ако? Изборот да се изгради алтернативна иднина“, која е дел од проектот CreArt, Network of Cities for Artistic Creation, поддржан од „Креативна Европа“. На изложбата што е во организација на Град Скопје и Музеј на град Скопје се изложени дела на 15 интернационални уметници кои беа селектирани на отворен конкурс од кураторот Пјетро дела Џустина и асистент кураторот, Лука Џенати. Изложбата ќе биде отворена до 3 август 2021 година.
„Градот Скопје како дел од меѓународниот проект CreArt, Мрежата на градови за уметничко творештво, изминатите четири години ги искористи за да одговори на одредени потреби што ги споделуваат европските културни институции и уметници. Со овој проект, Град Скопје внесува иницијативи во културниот живот во Скопје во полето на визуелните уметности преку воспоставување нови меѓународни партнерства и размени. Истовремено, им овозможуваме учество на уметниците и кураторите од Скопје во програмските активности, да креираат, изложуваат и да уживаат во уметничките дела, како и да добијат пристап до обуки преку семинари, резиденции на уметници, работилници и истражувачки програми кои се одржуваат во јавни и приватни културни институции во градовите-партнери во проектот. Во оваа 2021 година, Град Скопје претставува уште една активност на проектот CreArt, тоа е големата „Европска изложба“ поставена во Музејот на Град Скопје, а во чија презентација учествуваа уште два партнерски града, Авеиро од Португалија и Џенова од Италија. Изложбата има цел да го промовира и рефлектира еден од основните приоритети на проектот – да бидат собрани на едно место десетици локални креативни таленти ширум Европа со нивните различни културни багажи и различни гледишта“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на отворањето на изложбата.
Поставката ја сочинуваат дела на уметниците Аисте Амбражевичиуте, Хорхе Пелигро, Родриго Малвар, Серена Граси, Симон Попиелец, Анти-кул, Весна Саламон, Бернард, Дарко Алексовски, Жан Ромео Камптчуанг, ОПА (Опсесивна посесивна агресија), Полиморф, Валентина Траверс, Сара Вигиер и Стефано Серета.