Во рамките на кампањата „Заедно до поубаво Делчево“ и согласно со Програмата за промоција и комуникација со јавноста, Општина Делчево и оваа година ќе избира најубаво уреден двор. Водејќи се од мотото дека секој индивидуалец или институција и фирма кои со својот труд и креација за уредување на дворните површини придонесуваат за поубаво Делчево, Општина Делчево објавува Конкурс за избор на најубаво уреден двор во Делчево.

Целта на оваа акција е сите заедно да придонесеме за поубаво Делчево, но и како Општина сакаме да ги наградиме граѓаните и фирмите за својата улога во разубавувањето на градот, а од друга страна и да ги мотивираме сите граѓани на Делчево да дадат свој придонес за негово разубавување.

На Јавниот конкурс кој е објавен денеска на веб-страницата на Општина Делчево и на локалните медиуми, ќе можат да се пријават сите граѓани кои ценат дека нивното дворно уредување заслужува внимание, но и сите граѓани кои се воодушевуваат на дворот на пријател или сосед, да го пријават за да учествува на изборот за најубаво уреден двор во Делчево. Конкурсот ќе биде отворен до 01.06.2021, период кој сметаме дека е доволен за заинтересираните граѓани да ги направат потребните подготовки и да ги уредат дворовите.

Пријавата може да се достави до Архивата на Општина Делчево, или да се симне од веб-страницата delcevo.gov.mk и електронски да се се испрати на е-маил info@delcevo.gov.mk.

Комисијата формирана од стручни лица ќе ги посети пријавените дворови и ќе го оценува уредувањето на дворните површини.

За сопствениците за најдобро уредени дворови, Општина Делчево  има обезбедено  награди во две категориите: За индивидуално домување предвидени се три награди: 10.000 ден, 3.000 ден и 2.000 ден. и за колективно домување и стопански субјекти награда од 10.000 ден.

Изборот на најубаво уреден двор, Општина Делчево го организира 4-та година по ред.