Завршниот слој на асфалтот е веќе поставен и останува уште сообраќајната сигнализација за поставување за да може булеварот да почне да се користи.
Наскоро главниот град добива модерен булевар Босна и Херцеговина, кој изминатите месеци од улица со две ленти прерасна во современо булеварско решение со шест сообраќајни ленти и комплетна инфраструктура.
Се очекува во текот на следната седмица булеварот целосно да биде завршен и официјално пуштен во употреба. Неговата вкупна должина ќе изнесува околу 1700 метри, широк ќе биде 40 метри, со шест коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки од двете страни, а предвидено е и средишно и странично зеленило со дрвореди од двете страна, како и ново улично осветлување вдолж бул.Словенија – бул.Христијан Тодоровски Карпош.
Како дел од секундарниот северен прстен, булеварот БиХ претставува важна и фрекфентна сообраќајница во овој дел од градот. Заедно со булеварот Словенија ги поврзува граѓаните од повеќе скопски општини: Шуто Оризари, Чаир, Карпош, Бутел и Железара со останатиот дел од градот, додека пак со булеварот Христијан Тодоровски Карпош претставува брз излез на скопската обиколница.