Во рамките на филмската програма на дванаесеттото издание на „Вечерите на женски права“ од 14 до 16 мај годинава, со почеток од 20 часот, во летното кино на Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржат проекции на три документари филмови. Влезот на проекциите е бесплатен, а во случај на неповолни временски услови, истите ќе се одржат во кино-салата Кинотека.

„Вечери на женски права“ е настан кој од 2010 година традиционално се организира на различни локации во Скопје и нуди своевидна алтернатива за прославувањето на Меѓународниот ден на жената – осми март. Овогодинешното издание на „Вечерите“, со оглед на пандемиските околности и следејќи ги сите здравствени мерки и препораки, се одржува во хибриден формат, комбинирајќи настани кои во текот на март се одвиваа онлајн и со физичко присуство, а од 14 до 16 мај ќе се емитуваат филмски проекции во Кинотеката на Северна Македонија.

На 14.05.2021 година во 20:00 часот, ќе може да се погледне филмот во режија на Дејвид Донели, а во копродукција со земји од Јужна Америка и Европа, „ФОРТЕ“. „ФОРТЕ“ е колажен документарен филм кој ги предизвикува популарните, но застарени поими за успех во класичната музика преку брз наратив на три жени уметници: Татјана Берман, Лусија Карузо и Елдбјерг Хемсинг. Нивните приказни се контекстуализирани со искрени коментари од некои од најдобрите светски класични музички личности, вклучувајќи ги Пааво Јарви, Тан Дан, Јо Ан Фалета и Ксенија Башмет

Ден потоа, на 15.05.2021 година во 20:00 часот, на филмското платно ќе се најде остварувањето на Долија Гавански, „Денот на жената“, во британска и руска продукција. Се работи за воодушевувачки приказни на жени од СССР – пионери и преживеани – кои ги откриваат своите животи од револуцијата во 1917 година до денес. Интимна, изненадувачка, смешна, ексцентрична, болна и контрадикторна – ова е непозната историја на рускиот феминизам.

На 16.05.2021 година во 20:00 часот, во режија на Лин Глазиер од Канада, со филмот „Тоа е тинејџерски свет – Вмрежени за секс, лаги и игри на моќ” ќе може да се запознае и скопската публика. Ова филмско парче дава атрешен поглед на културата на сексуалното вознемирување и малтретирање широко распространета меѓу тинејџерите денес. Овој уникатен филм ја испитува цената што адолесцентите, особено девојките, мора да ја платат за да бидат кул и популарни во нашиот храбар нов вмрежен свет.

Годинешното издание на „Вечерите на женски права“ е организирано од Институтот за човекови права и Авард филм и видео, со поддршка на Град Скопје и канцеларијата на UN Women во Скопје, под глобалната тема за одбележување на 8 Март: „Жени во лидерство: остварување еднаква иднина во свет на ковид-19“.

Целосната програма може да се проследи на следните линкови:

https://www.womensrightsnights.net/ и

https://www.facebook.com/womensrightsnights.net/.