Штипјани со голема граѓанска иницијатива денеска покажаа како треба да се чува и негува природата. Во боровата шума позади црквата Света Недела, или за штипјани позната како Мирјанина црква, граѓани заедно со ЈП Исар почнаа да ја чистат депонијата која често се ствара во тој предел.
Освен овде, во рамки на проектот „Зелена сончева“, под мотото „Чисто како дома исто“, се чистеше и на три други локации во градот – во близината на ОУ „Славејко Арсов“ во населбата Баби, покрај спортската сала „Јордан Мијалков“ во населбата Сењак и во паркот во населбата Осми ноември.
-Се работи за проект и активности кои се спроведуваат во десет општини меѓу кои и во Штип. Сите ние собираме отпад и внимателно го селектираме во посебни видови вреќи и за секои 10 килограми собран отпад од страна на Министерството за земјоделство ќе се обезбедат садници кои ќе бидат засадени за оформување на нов парк наречен Сончева гора. Со оваа активност покажуваме дека заеднички, преку вакви активности можеме да допринесеме за почиста и поубава општина и животна средина за сите нас, рече Билјана Казанџиска од Општина Штип и упати апел до граѓаните да бидат одговорни и внимателно да го одлагаат отпадот, а до организациите апелираше да иницираат вакви еко-активности.
Градоначалникот Николов, пак, ги повиќа граѓаните несебично да се приклучуваат во ваквите акции, бидејќи тоа е единствен начин да се одржува природата чиста.
-Денеска треба да бидеме горди затоа што штипјани покажаа еколошка зрелост и свесност. Ги надминаа бариерите на старосна граница и покажаа дека сите заедно можеме да бидеме дел од подигање на еколошката свесност и еколошкото здравје за Општина Штип, рече Кристина Сандева од граѓанската иницијатива.
Акцијата „Генералка викенд“ се организира од страна на Man and mountain, заедно со Министерството за животна средина, Министерството за земјоделство, Министерството за транспорт и врски, Делегацијата на ЕУ и десет општини.