Во рамки на активностите на Град Скопје, Владата на РСМ и општините во главниот град, според последните анализи изготвени врз основа на официјалните податоци за квалитетот на воздухот и животната средина, бројките покажуваат стабилно намалување на загадувањето на воздухот во главниот град.
Драстични промени во просечната температура во изминатите 6 години нема, средната температура во најголемиот дел од времето се движи околу 14 степени, мерени по Целзиусовата скала, податок што самиот по себе кажува дека температурата не е причина за намалувањето на загадувањето. Слична е и ситуацијата со ветровите – во периодот од 2015-та до 2020-та година, состојбата е речиси непроменета.
Кога би се направил осврт на врнежите, согласно податоците добиени од официјалните мерни станици, очекувавме 2018-та, 2019-та и 2020-та година да бидат поврнежливи во однос на 2015-та, 2016-та и 2017-та. Но податоците велат дека најмалку врнежи имало во 2019-та година, односно 379.10 mm, а најмногу, речиси 2 пати повеќе, имало во 2016-та година со 682.90 mm. Кај загадувањето на атмосферскиот воздух и ПМ 10 честичките, ситуацијата е спротивна. Во 2019-та измерено е средно ниво на 51.53 µg/m3, кое е далеку помало од 2016-та година, со 71.91 µg/m3 средно годишно ниво на ПМ10 честички.
Заклучокот на крајот на анализата вели дека ветровите и температурата не се главниот фактор за намаленото загадување на воздухот. Град Скопје, Владата на РСМ и општините во градот, со заеднички заложби и спроведувањето на низа активности за изведба на ново и зачувување на постојното урбано зеленило, промоцијата на велосипедот како алтернативно средство за транспорт, изведбата на нови велосипедски и пешачки патеки и реконструкцијата на постоечките, во одредена мера придонесуваат кон намалување на загадувањето на животната средина.
Со координирани и конкретни активности кои го промовираат здравото урбано живеење, кампањите за подигнување на свеста за зачувување на животната средина, но и идните проекти кои се планирани за изведба во Скопје и околината, дополнително ќе придонесат кон намалување на загадувањето на воздухот и средната концентрација на ПМ 10 честички во воздухот. Имајќи ги предвид досегашните средни податоци, добиени од официјалните мерни станици, за периодот од 2015-та до 2020-та година, забележителен е трендот на намалување на загадувањето на атмосферскиот воздух во Скопје.