Со околу пет милиони денари обезбедени од источно планскиот регион ќе се реставрира познатата штипска Саат кула. Ова како што информира градоначалникот на Штип, Сашко Николов, е дел од заедничкиот проект кој ќе го реализираат заедно со Општина Карбинци, а со кој ќе се осветли и археолошкиот локалитет Баргала.

– Целиот проект ќе чини околу 11 милиони денари. Самата реставрација на Саат кулата ќе чини нешто над пет милиони денари. Саат кулата во Штип е дел од Отоманското наследство на Штип, изградена во 17. век како феудална беговска кула за одбрана и живеење, а некаде во втората половина на 19. век е претворена во Саат кула и добива саатен механизам и метално ѕвоно – камбана. Со реализација на овој проект ќе се зачува правобитниот изглед на беговска кула, ќе се преземат конезерваторско-реставраторски работи во внатрешноста на објектот и ќе се реставрира оштетениот балкон на источната страна, кој бил срушен, рече Николов.

Проектот предвидува изградба на дрвени скали во внатрешноста на самата кула, а ќе се заокружи со заживување на функцијата која што ја вршела во текот на 19 век – осовременување на саат механизмот и поврзување со камбана.