За еден ден се исцрпени речиси половина од предвидените средства за субвенции за граѓаните за купување на велосипеди и електрични тротинети. Во текот на вчерашниот ден, преку системот за електронско аплицирање пристигнаа повеќе од 1.200 пријави за субвенции за велосипеди, како и 142 пријави за субвенции за електрични тротинети, информираат од Град Скопје.

Доколку продолжи големиот интерес за субвенциите, велат можно е исцрпување на средствата превидени за субвенциите за електрични тротинети и затворање на јавниот повик на крајот на денот.

За потсетување, Градот Скопје објави повици за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети во 2021 година.

Граѓаните можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од почетокот на годинава, поточно од 1 јануари 2021 година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Право на учество на овие повици имаат жителите на Град Скопје (во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет во Република Северна Македонија од 01.01.2021 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици.

Во Буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети. Во изминатите три години, Град Скопје додели над 10.000 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 527 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.

На двата повика за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети граѓаните можат да се пријавуваат електронски, преку Интернет-страниците на Град Скопје и Скопје лаб, www.skopje.gov.mk и aplikacii.skopjelab.mk или директно на линковите https://aplikacii.skopjelab.mk/velosipedi/ и https://aplikacii.skopjelab.mk/trotineti/

Од денеска вторник (20.04.2021 година), објавен е и јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. Новитет на овој повик е можноста граѓаните да аплицираат онлајн.

Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.

Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 01.01.2021 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување  на средствата во износ од  милион денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2021 година.

Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следната интернет врска – https://skopje.gov.mk/media/6729/javen-povik-cistenje-odzaci-2021.pdf

Целта на овој проект што Град Скопје континурано го реализира е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување, употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.

Познато е дека запуштените и неисчистени оџаци се голема опасност. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Се препорачува оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.

За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018, 2019 и 2020 година, кога беа доделени околу 1000 субвенции.