Најновите податоци за зголемување на процентот на наплата на данокот на имот во Скопје за 2019 се охрабрувачки. „Покрај Ѓорче Петров (99%), Аеродром (98%), Карпош (97%), и Центар (94%) каде што имаме голем процент на наплата, се зголемува наплатата и во други скопски општини од 2017 до 2019: Кисела Вода (од 78% на 90%), Чаир (од 68% на 91%), најмногу во Сарај од 46% на 90%), Шуто Оризари (од 62% на 74%), Бутел (од 77% на 89%), Гази Баба (од 63% на 71%)“, истакнува Ваљон Салиху во неговата колумна во Слободен Печат, „Омаловажувачкиот хумор кон етнички групи не е шега“.
Според општинарите, ова е резултат не само на зголемените деловни активности, туку и на зголемената свест и доверба кај граѓаните во Градот Скопје (каде што се врши наплатата) и во општините.
„Кога граѓаните гледаат дека парите од нивните даноци не се расфрлаат во барокни фасади, панорамски тркала, прескапи споменици и восочни фигури, туку во инфраструктурни и други проекти за поубаво, почисто и позелено Скопје и неговите општини, тогаш се зголемува довербата во градот и општините, и соодветно на тоа, наплатата на даноците“, истакнува Салиху.
Поефикасниот систем на наплата на даноци во град Скопје, како што укажа и градоначалникот Петре Шилегов, е резултат и на подобрената соработка и координација помеѓу градот и општините, во насока на планирање и спроведување на заедничка градска политика, која е во интерес на сите скопјани.
„Кога играчите на терен подобро соработуваат и се координираат, се даваат и повеќе голови во мрежата, како што покажа и нашата фудбалска репрезентација која успеа да го порази и четирикратниот светски првак Германија, и тоа на домашен терен. Како што се радуваме и охрабруваме од головите и асистенциите на Пандев, Елмас, Барди, Алиоски, Адеми и другите наши фудбалски репрезентативци, треба да се охрабруваме и кога политичките играчи покажуваат подобри резултати на теренот на локалната самоуправа“, поентира Салиху.