Делчево е една од општините каде се одвива вакцинацијата против ковид – 19. 120 вакцини се предвидени за повозрасните делчевчани. Вакцинирањето е добро организирано, преку закажаните термини.Марија Глигоровска, директорката на Здравствениот дом, каде се одвива вакцинацијата за граѓаните над 77 години, вели дека одзивот е добар.
– Закажани ни се пациентите со тоа што засега ќе вакцинираме толку колку што имавме слободни термини за пациенти над 77 години. Имаме доволно персонал, матичните лекари навреме се договорија како ќе ги закажат пациентите, така да немаме никаков проблем во однос на вакцинирањето, изјави Глигоровска.
Градоначалникот Горан Трајковски го искористи Светскиот ден на здравјето, 7 Април, да потсети дека е ден посветен на подигање на свеста за здравјето. Трајковски дојде на вакциналниот пункт и изрази задоволство од текот на вакцинирање во Делчево и одзивот на граѓаните за вакцинација против ковид-19.
– Вакцината е единствен начин да се победи коронавирусот и во таа смисла ме радува фактот што во Делчево вакцинацијата се одвива без проблеми и досега се вакцинирани над 120 повозрасни наши сограѓани и што граѓаните го препознаа значењето на имунизацијата како основна алка во борбата со оваа пандемија, рече Трајковски, кој им се заблагодари на здравствените работници за нивниот труд и пожртвуваност во борбата за нашето здравје.
Градоначалникот Трајковски кажа дека и е уште еден повод да го свртиме нашето внимание кон улогата и значењето на здравствените работници кои втора година по ред, одбележувањето на овој ден се одвива во посебни, пандемиски услови, услови кога сите очи се вперени во здравствените работници кои на својот грб го носат целиот товар на борбата со коронавирусот.