Го дочекаа и тој ден. Низ чешмите на жителите во штипското село Чардаклија потече чиста и здрава вода за пиење. Откако беа завршени сите градежни активности,седумдесет домаќинства во оваа село беа приклучени на Филтер станицата.

Од новата водоводна линија, која ја изгради штипското Ј.П. „Исар“ бенефит ќе имаат не само жителите туку се создадени услови да бидат приклучени и стопанските капацитети во индустриските зони „Македонка“, „Балканска“ и како и некои постоечки деловни објекти, истакна градоначалникот на општина Штип, Сашко Николов кој присуствуваше на чинот на приклучувањето на оваа водоводна линија со градскиот водовод.

„Приградските населби Македонка, Балканска и село Чардаклија се делови на Штип, кои од формирањето користеа техничка вода и домаќинствата немаа пристап до чиста и здрава вода за пиење. Во населба Балканска според последниот попис има околу 600 жители, населба Македонка околу 570 и село Чардаклија околу 920 жители, изјави Николов.

Жителите на Чардаклија ,презадоволни од можноста, конечно по толку години, користење само на техничка вода, низ чешмите да им потече чиста и здрава вода за пиење.

…Ова што го добивме со водата  за нас е многу убаво нешто. Досега што сме пиеле. . и без заби останавме од тоа што го пиевме.  Тоа беше катастрофа…Кога ќе снемаше вода, а по некое време ќе ја пуштеа, со денови водата беше црна, моравме да купуваме вода од продавница. Сега е многу убаво.. . Ова е голем благодет, затоа што досега имавме вода што не беше за пиење. Единствено сега останува да се донесе и техничка вода од системот за наводнување за да не се троши од  водата за пиење. Многу работи можат да се подобрат ако има можноста за наводнување,  да се насадат и други земјоделски култури, не само житарици,  . . рекоа жителите на селото.

Јавното претпријатие Исар и Општина Штип инвестираа во главниот доводен цевковод К1 изведен со проток од 60 литри во секунда во должина од 1.045 метри.

Вкупната инвестициска вредност е повеќе од 22 милиони денари.

Директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев истакна дека во изминатите три години на Филтер станицата се приклучени  две населени места, кои користеа техничка вода од поранешниот систем на комбинатот „Македонка“.

„ Во текот на оваа година е предвидено на водоводниот систем да биде приклучена и населбата  „Насеље“, и секако во оваа година кога ќе се заокружи тој процес, сите овие три населби ќе добиваат вода од нашата Филтер станица. По реализацијата и на проектот во населбата Македонка, додаде, штипското комунално претпријатие ќе се насочи кон реконструкција на старата водоводна мрежа низ градот Штип, бидејќи има постојано дефекти низ системот,“ додаде Тасев.

Со одлука на Владата, преку Министерството за Транспорт и врски се обезбедени 6.712.625 денари или околу 109 илјади евра за изградба на Крак 2 до населба Македонка во должина од 760 метри. Се очекува деновиве да биде распишан тендер.

Директорот на Ј.П Исар, Тасев најави дека се очекува наскоро со средства од Владата да се реализира и водоводната линија 2 до бањата Кежовица.