Донесена е одлука за распределба на предвидените финансиски средства во вредност од дванаесет милиони денари за проекти во областа на културата во 2021 година, на Град Скопје.
Како што информираат од Град Скопје, на јавниот повик кој траел еден месец, а бил објавен на 01.10.2020, биле повикани сите заинтиресирани да го поднесат своето барање за користење средства од Буџетот на Град Скопје за 2021 година, наменети за финансирање на програми и проекти од областа на културата од интерес на Град Скопје.
„Секоја година бројот на апликации расте, до 31.10.2020 пристигнаа 711 комплетни апликации кои што беа оценети од шест стручни комисии, составени од претставници на Град Скопје и претставници од културните институции на Градот. Водејќи се од критериумите и насоките наведени во објавата на конкурсот, тие одлучија Град Скопје да поддржи 295 предлог проекти, односно речиси половина од пристигнатите пријави“, информираат од Град Скопје.
Одлучено е да се подржат што поголем број на барања и проекти кои што ќе им помогнат на индивидуалци и групи поради новонастанатата околност со Ковид 19 кризата.
„Согласно тоа, распределбата меѓу проектите е порамномерна а беа изземени големите организации, за кои е во план да биде распишан посебен повик. Најголемиот проект е од 90 илјади а најмалиот од 20 илјади денари. Од поддржаните предлог проекти 27 им припаѓаат на проектите кои опфаќаат меѓународна соработка, 40 за изведбените уметности; 49 од областа на визуелните уметности и уметност на нови медиуми; 52 проекти од издавачката и библиотечната дејност, 32 од музејската дејност и промоцијата на културното наследство и 95 проекти се поддржани од областа на музичките уметности“, информираат од Град Скопје.
При одлучувањето за распределба на средствата биле земени предвид сите карактеристики на предлагачите за да се обезбеди застапеност на заедниците, младинските активисти, родовиот баланс, и други специфики на сите уметници, самостојни уметници, установи од областа на културата, здруженија на граѓани, фондации, национални установи и други правни и физички лица кои вршат дејност во областа на културата, а се пријавија на овој повик.
За овој конкурс, градот издвои 12 милиони денари. Буџетот за оваа година е намален за 4 милони денари, согласно потребата на Градот за одговарање на поитните состојби предизвикани од епидемијата и нејзините последици.
Листа на поддржани проекти.