Градот Скопје и МНТ уредуваат нов зелен простор во близина на кејот на Вардар, пред зградата на театарот. Деталите за новата зелена оаза што ќе никне во центарот на градот беа соопштени на денешната прес-конференција која се одржа во просториите на МНТ, под посебни протоколи за заштита од Ковид19.
– Ми претставува особена чест што сум денеска овде со вас, како претставник на Град Скопје кој што е поддржувач на овој убав проект. Уредуваме уште еден парк, со што градот ќе добие уште една зелена површина во Малиот ринг. Зазеленувањето и здравата животна средина се наши врвни приоритети, а тоа го потврдуваме со фактот дека изминативе 3 години максимално се посветивме на враќање на загубеното зеленило во градот, зеленило кое што се уништуваше со години наназад. Сведоци сте дека континуирано подигнуваме нови паркови, уредуваме зелени површини, засадуваме садници, подигнуваме нови дрвореди, уредуваме зелени покриви, чекор по чекор го враќаме загубеното зеленило во Малиот ринг и системски се бориме против аерозагадувањето. Само во есенската акција засадивме над 15.000 висококвалитени садници и тоа на повеќе локации низ Скопје. Воведовме и нови стандарди кога е во прашање квалитетот на зеленилото. Просечната висина на досега засадените дрвја е околу 5,5 метри, а ова е многу битно да се истакне зашто ваквите дрвја веднаш се вклопуваат во екосистемот и брзо даваат резултати кога е во прашање прочистувањето на воздухот – рече денеска портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Тој објасни дека поранешни познати диви депонии во градот, Градот Скопје успеа да ги претвори во паркови, а денес истите ги посетуваат стотици граѓани кои живеат во близина. Тоа се парковите во Мичурин и во Кисела Вода, а истовремено се работи на уредување нов парк во Карпош, кој исто така порано беше позната дива депонија.
– Паркот кој го уредуваме заедно со МНТ, се вклопува во сето тоа за што ние како град се залагаме и верувам дека ова ќе биде уште една од многуте успешни приказни кои ги создадовме, а за која заедно ќе се гордееме во иднина. Ќе продолжиме да ги поддржуваме сите позитивни иницијативи, особено тие кои директно влијаат за почиста и поздрава животна средина, а истовремено нема да ги оставиме на страна ни проектите кои Градот континуирано ги реализира и кои секојдневно придонесуваат сите да живееме во позелен и почист град – нагласи Салиху.
Уредувањето на просторот пред зградата на МНТ е дел од меѓународниот проект „Патиштата на хероите“ – проект на 7 партнери од 6 земји. Координатор на проектот е Македонски народен театар од Скопје, Република Северна Македонија, а преостанатите партнери се: La Dramaturgie од Италија, Eho animato од Србија, Loop од Грција, Studio Teatar од Босна и Херцеговина, Издавачката куќа „Гаврош“ од Република Северна Македонија и Студио за истражување на актерската уметност од Словенија. Проектот е финансиски поддржан од Европската унија.