Министерството за транспорт и врски денеска ја распиша постапката избор на фирма која ќе биде најповолен изведувач за долгоочекуваната изградба на брана на река Отиња. Министерот за транспорт и врски Бочварски, очекува до крајот на годината да има механизација на терен која ќе започне со изградбата.
– Проценетата инвестициона вредност за изградба на овој објект изнесува 460 милиони денари (околу 7 и пол милиони евра) средства обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски. Рокот за изградба е планиран да биде околу 30 календарски месеци. Со проектот е планирана да се изгради брана со висина од 34 метри, преградното место на браната е непосредно во близина во градот, најави министерот Бочварски.
Браната пред се ќе биде наменета за технолошка вода за потребите на градот, за заштита од поплави, а во втора фаза и за производство на електрична енергија.
Заменик градоначалникот на Штип, Јане Миланов , упати благодарност до сите оние кои работеа на проектот за браната и се осврна на нејзините бенефити – спортско рекреативни содржини, регулирање на текот на река Отиња, промена на микро-климата, наводнување и сл.