На Денот на рударите, 28 август, Македонска Каменица доби мурал, кој е еден од најголемите во Македонија. Муралот го краси ѕидот спорти зградата на Општината и е на на површина од скоро 300 метри квадратни, во должина од 75 метри, со највисока точка од 4 и пол метри. Муралот го носи името „Рударска приказна“ и е своевидна историја на малото рударско градче. Градоначалничката Соња Стаменкова, која и самата го живеела животот како дел од рударско семејство, вели дека муралот е историја на градот.

-Македонска Каменица има постара историја, но градот, населбата е нова, има нова историја и целата таа приказна е во тој контекст. Во таа современа рударска приказна, на муралот на крај, го има часословот на Јаков од Камена Река и завршува со еден негов цитат. Јаков е роден во камена Река и тој е првиот печатар на Балканот. Неговиот цитат е дека е роден тука, неговото семејство живеело овде и дека ја напуштил Македонија и заминал некаде во Венеција. Тоа е еден преубав завршеток на муралот и симболика дека имаме и стара историја, изјави Стаменкова.

Муралот е активност  на манифестацијата „Каменичко културно лето 2020“ и еден од неколкуте, кои се планирани за ова лето, во соработка со Центарот за современа ликовна уметност. Координатор на проектот е Јана Јанеска Ристески, а како автори на муралот се академските уметници Александар Џинго, Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар и Хари Дудески.

Муралот останува да живее на отворено пред очите на каменичани, но и на сите патници намерници и тие што транзитираат на пат кон соседна Бугарија.