Општина Македонска Каменица и покрај кризата предизвикана од појавата на Ковид 19 ги продолжува капиталните инвестиции. Во тек се  градежните работи за изградба на локалниот пат кој ќе ги поврзе селата Луковица и Косевица.

Денеска градоначалничката на Општина Македонска Каменица Соња Стаменкова изврши увид во градежните работи.

Како што истакна градоначалничката Стаменкова, во моментов се работи на пробивање на трасата долга 1960 метри. Паралелно на овие активности, Општина Македонска Каменица во соработка со ЈП „Камена Река“ врши уредување на постоечката подземна водоводна и канализациона мрежа.

-Постојат потешкотии со кои се соочуваме при реализацијата на инфраструктурните проекти поради појавата на заразата со ковид 19, но од економскиот оператор кој ги изведува градежните работи, добив уверување дека предвидената динамика за реализација на проектот ќе биде задржана и истиот ќе биде завршен во најкус можен временски рок, кажа градоначалничката на општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

Со изградбата на овој локален пат се овозможува полесен пристап до домовите на жителите од овие две села, како и олеснето движење на населението од една во друга рурална средина.

-Со тоа, оставруваме уште една наша програмска определба за директно помагање на локалниот економски развој во руралните средини од нашата општина,  додаде градоначалничката Соња Стаменкова

За изградбата на оваа делница општина Македонска Каменица од својот буџет издвои 14.093.427,00 денари