Oзначен почетокот на градежните работи на филтер станицата, капиталниот проект на општина Карбинци. Филтер станицата, која се гради во месноста „Висок врв“ ќе обезбеди вода за пиење од Хидросистемот „Злетовица“ за вкупно осум села во општината.
Премиерот Оливер Спасовски и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ,Трајан Димковски заедно со карбинскиот градоначалник Јордан Насев, го означија почетокот на градежните работи на филтер станицата.
Реализацијата на проектот е од витално значење, бидејќи со приклучување на општина Карбинци со хидросистемот Злетовица, трајно ќе се обезбеди решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, особено во летниот период, нагласи во обраќањето премиерот Спасовски.
„Средствата за реализација на проектот – пречистителна станица Карбинци, во вкупен износ од 105, 3 милиони денари, се обезбедени оддржавниот буџет преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со оваа филтер станица, како и со изградбата на филтер станиците за општината Штип и за општина Лозово, ќе се заокружи првата фаза од повеќенаменскиот систем Злетовица, проектиран за снабдување со вода за пиење на 150.000 жители од Штип, Свети Николе, Пробиштип, Карбинци и Лозово“, рече Спасовски.
Во тек била и подготовката на втора и третата фаза од ХС „ Злетовица“. Втората фаза опфаќа изградба на систем за наводнување на околу 4.000 хектари земјоделско земјиште, а со третата фаза е предвидена изградба на шест хидроцентрали. Со ова, ќе се заокружи повеќенаменскиот систем Злетовица којшто ќе биде целосно функционален и рентабилен.
Димковски истакна дека со изградбата на Филтер станицата се решава неколкудеценискиот проблем на жителите на Карбинци, кои сега се снабдуваат со вода за пиење од локалните водоводи и бунари.
„Со изградбата на Филтер станицата ќе се овозможи непречено водоснабдување со вода за пиење на населените места Карбинци, Козјак, Аргулица, Таринци, Долни Балван, Нов Карорман и Радање, а во кој живеат околу 3.000 жители или 75 отсто од вкупниот број на жители на Општина Карбинци“, вели Димковски.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев истакна дека токму на празникот на општината, Спасовден, почнува реализацијата на најкапиталниот проект за жителите на оваа општина.
„ Идејата за изградба на Пречистителна станица е зачната пред повеќе од 20 години. Пречистителната станица е лоцирана во месноста „Висок рид“, на надморска височина од 425 метри, меѓу селата Таринци,Карбинци, Козјак и селото Радање. Капацитетот на Филтер станицата е со 40 литри во секунда, а рокот за изградба е март 2021 година“ истакна Насев.