oa e првиот сончев енергетски комплекс, од десетината на кои се работи во светиниколскиот регион. Централата со 610 киловати ангажирана моќност е поставена на покривот на Месната индустрија МИК и од денеска е ставена во функција.

2160 сончеви панели се поставени на покривот на комплексот на МИК, во срцето на Овче Поле, во кои се инвестирани 400.000 евра. Зелената енергија, освен што ја зголемува енергетската ефикасност и ги намалува јаглеродните ефекти, е вовед во серија други активности, кои според најавите од менаџерскиот тим, водат кон добивање на извознички број за во Европската унија. Како што објасни управителот Гоце Трајчев, постапката е започната и предизвика и низа други инфраструктурни промени.

-Дополнително за добивање на извознички број за ЕУ, се реализирани градежни активности, инсталирана е изолациона опрема, инсталирани е изолациона опрема и мрежа, заменети се 90 отсто од разладните уреди во сите разладни простории и комори на МИК Свети Николе од над 10.000 квадратни метри, изјави Трајчев.

Оваа фотоволтаична централа  е една од десетината на кои во моментот се работи и чие функционирање Општината Свети Николе ќе ја обележи како зелена општина, со користење на обновливите извори на енергија. Според градоначалникот Сашо Велковски, фотоволтаични централи  се поставуваат и во неколку други светиниколски компании.

-Работат и другите стопански субјкти – Лион, Мода, Славјански универзитет, сите тие планираат да инвестираат во фотоволтаични централи за сопствени потреби. Во исто време десетина компании работат на поставување на фотоволтаични централи од 25 мегавати на државно земјиште од 50 хектари, соопшти Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

Зелената енергија и воведување на еколошкиот начин на производство се главни услови за добивањето дозвола за извор на производи на европскиот пазар.  Сопственикот на МИК, Влатко Ѓеоргивски вели дека инвестициите се неопходни, доколку македонското стопанство сака да го фати евопскиот пат.

-Очигледно, тоа ние е единствениот пат за во иднина. Ние ќе мора да продолжиме со инвестициите. Пристапот до тие инвестиции ќе зависи од тоа какви мерки ќе има во иднина, дали тие ќе бидат соодветно делегирани и распоредени, за да можат соодветно да се искористат од компаниите, кажа Ѓеоргиевски.

Првата фотоволтаична централа, што денеска беше промовирана во МИК, доаѓа во тешко време за стопанисување, во време на здравствено – економска криза. Инвестицијата, според менаџерскиот, се очекува да се врати за седум до осум години.