Срдечна средба и дружење за паметење се случи денеска во кабинетот на вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов со претставниците кои учествуваат во реализацијата на проектот „Сонуваме, остваруваме и љубов подаруваме“. Тој својата искрена љубов кон дечињата вклучени во проектот ја потврди со срдечниот пречек којшто им го приреди уште пред тие да влезат во неговиот кабинет.
Средбата помина во пријатна и опуштена атмосфера, дечињата рецитираа песнички, заедно летаа авионче што на лице место од хартија го направи Костадинов, а за добрите одговори на прашањата коишто му беа поставувани, тој од нив доби петка која му ја напишаа на дланката. Претставниците на Организацијата на жени од Струмица во партнерство со здружението за помош и поддршка на лица родени со даунов синдром „Вера“ од Струмица коишто го реализираат овој проект, го информираа вршителот на должноста градоначалник, Костадин Костадинов, дека целта на проектот е да ја поттикне и афирмира интеграцијата на лицата со попречености во културниот живот во општина Струмица.
Денешната средба беше дел од активностите на проектот со кои се одржуваат и средби на дечињата со претставници на институции кои креираат политики и носат одлуки на локално ниво и со претставници на културни институции на територијата на општина Струмица. Проектот „Сонуваме, остваруваме и љубов подаруваме“ финансиски е поддржан од општина Струмица со 60 илјади денари што претставува уште една потврда за континуираната грижа на Општината кон лицата со посебни потреби.