Струшката фирма Сити лајт од сметката на Општина Свети Николе пред десетина дена преку извршно решение од сметката на Општината Свети Николе, успеала да наплати 210.000 евра за договор за јавно приватно партнерство, кој Општината го раскинала во 2013 година. Од тие 210.000, над 100.000 евра се за извршената работа пред раскинување на договорот и 100.000 евра за камати и судски трошоци за постапката од 10.000 евра. Дополнително, некогашниот партнер, Сити лајт, бара уште 42 милион денари или над 660.000 евра за периодот од ракинување на договорот до сега, откако Aпелациониот суд од Штип, одлучил во нивна корист, иако со годни не го одржува уличното осветлување, за што и бил склучен овој договор.
-Судот не ги прифаќа нашите аргументи дека работите на приватниот партнер, во случајот Сити лајт, не се завршени квалитетно, ниту употребените материјали се според одредбите од договорот, дека не е извршен технички прием на светилките и сл. Во целиот тој судски лавиринт, каде еден мој претходник склучил договор на дури 13 години, со вредност од близу 91 милион денари, следниот градоначалник, без да мисли за последиците, еднострано го раскинал и ги враќал фактурите по основ на договорот за јавно приватно партнерство, сега во 2020 година, граѓаните на Свети Николе се принудени да ги плаќаат сите лоши и погрешни решенија на кадрите на ВМРО ДПМНЕ, изјави градоначалникот Сашо Велковски.
Поранешниот градоначалник Зоран Тасев, вели дека јавно приватното партнерство никогаш и не стапило во сила. Кога дошол на функција, утврдил дека договорот е штетен по општината, а како илустрација ја изнесува цената на една сијалица од дури 900 евра.
-Правните служби сугерираа дека договорот не е во ред , бидејќи има член каде вели дека сијалиците се со рок од 40.000 часови, тоа е за 10 години, а договорот е на 13 години. Практично, ќе требаше Општина Свети Николе сама да си купува сијалици додека се’ уште трае договорот, а приватниот партнер само да наплаќа. Договорот не ни профункционира и нема платено ниту една фактура од наша страна, бидејќи беа констатирани работи, кои не се во ред, изјави Тасев.Општината со писмо се обратила до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од каде ни потврдија дека од страна на Управата за финансиска полиција е поднесена кривична пријава и оформен предмет, по кој е издадена Наредба за материјално финансиско вештачење до Бирото за судски вештачења, од каде се’ уште немаат добиено Вешт наод и мислење.Предметот и после толку години е во предистражна постапка.
Градоначалникот Велковски смета дека од овој финансиски удар општината не може за заздрави долго време.
-Ако Сите лајт успее да ги реализира и фактурите во износ од 42 милион денари, сметката на општината ќе биде блокирана. Од ликвидна општина, во одлична финансиска кондиција во која успеавме да ја доведеме со силни маки од преземањето на власта, каде наследивме празна жиро сметка и вкупни долгови од 1.600.000 евра Општина Свети Николе ќе стане еднa од десетината блокирани општини во државата, без шанса наскоро да се одблокира, изјави Велковски.
Општината продолжува со правната битка и веќе поднела барање за ревизија како вонреден правен лек до Врховниот суд, додека пред Вишиот управен суд се води постапка по жалба за одлуката за раскинување на договорот за Јавно приватно партнерство со Сити лајт.
Од Општина Свети Николе упатија апел до судската власт за побрза разрешница на случајот, како и за завршница на започнатите постапки за кривичните пријави за злоупотреба на службената положба.
Од фирмата Сити лајт, поради отсуство на сопственикот, својот став го најавија за утре.