Екипи на „Македонија пат“ деновиве го завршија регионалниот пат за Делчево преку селото Бигла со нови 2.100 метри асфалт, со што обврската од виничка страна е комплетно завршена во вкупна должина од 8.600 метри.
– Успеавме во краток временски период да ги завршиме и овие 2.100 метри од регионалниот пат преку Бигла за Делчево и Бугарија, поточно од селото Трсино до селото Трстија. Како Општина, обезбедивме дополнителни 16 милиони денари од Јавното претпријатие за државни патишта. Патот е проширен, така што ние како Општина Виница го заокружуваме овој значаен проект за жителите на овие населени места. Но, ова е и регионална делница низ која сообраќа цел источен регион и пошироко, така што реконструкцијата на овие 2.100 метри и на претходните 6.500 е важен фактор за развојот на целокупниот регион – вели градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Сега како незавршена останува обврската на Општина Делчево за докомплетирање на 3,5 километри од овој пат кој продолжува од селото Трстија до селото Бигла.
Во септември лани беа завршени 6,5 километри од овој регионален пат од манастирот “Св.Спас “ до пропустот кај село Трстија, за што беа обезбедени средства во висина од 62 милиони денари, а изведувач на градежните работи е ЈП “Македонија пат“.