Патувачкиот автобус на ЕУ деновиве престојуваше во Виница, каде што амбасадорот Самуел Жбогар, раководителот на Одделот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бартолини, и другите гости имаа средби со младите виничани, со локалната самоуправа, градоначалникот, бизнис и НВО-секторот, а имаше и придружни случувања, како велосипедски, родео активности…

– Среќни сме што сме во Виница. Мај е месец на Европската унија, па во текот на мај сакаме да разговараме за тоа што претставува ЕУ. Со виничките средношколци денеска имавме интересна и многу охрабрувачка дебата. Начинот на нивната посветеност кон овој град и оваа земја, начинот на кој размислуваат и нивната визија за иднината е многу охрабрувачка. Им честитам на нивната мудрост на толку рана возраст – истакна амбасадорот Жбогар по завршувањето на дебатата „Визијата на младите за ЕУ“ со учениците во средното училиште „Ванчо Прке“.

Никола Бартолини, пак, одржа работилница за механизмите на финансиска поддршка од ЕУ. Имаше средба со градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, на која разговараа за проектие што Општината Виница ги има реализирано преку програмите на ЕУ, а ги разгледаа и потенцијалите за аплицирање преку други фодови што стојат на располагање. Виница има реализирано десет проекти преку ЕУ, а последниот е филтер-станицата во Трсино.

– Вкупно 113 проекти во вредност од 34 милиони евра се реализирани во источниот регион преку фондовите на ЕУ. Изградени се градинки, дневни центри, патишта, улици, водоводи, канализациски мрежи, уредени се повеќе речни корита…- рече Бартолини.