Интернатот во Блатец, седум децении по изградбата, од руинирана зграда стана нов објект со комплетно нова столарија и фасада, со што, и внатрешно и надворешно, ликот е целосно променет.
Деновиве привршува внатрешното освежување на ѕидовите, а како приоритет останува уште комплетната замена на креветите и на мебелот во оваа институција.
Во овој објект, со кој управува подрачното училиште во Блатец, основно образование поминале повеќе од сто деца со посебни образовни потреби, а сегашниот број е седум, кои посетуваат настава од прво до деветто одделение во наставата за деца со посебни образовни потреби во ОУ “Кочо Рацин“.
Во источна Македонија е единствен ученички дом кој општина Виница и градоначалникот Димитров со грант во висина од 33.750 евра, преку проектот “Унапредување на општинското владеење“, финансиран од Европската унија, а спроведуван од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии, го уредуваат после седум децении, а во состав на објектот е и детската градинка која доби нова фасада и столарија.
Покрај ученици, интернатот ќе можат да го користат и гости -учесници на различни манифестации во општината, бидејќи вака веќе ги исполнува условите и стандардите за една солидно опремена институција од јавен карактер.