Изработката на урбанистичките планови и програми за 2018 година изостанаа бидејќи Јавното претпријатие „Куманово план“ се уште не е формирано, рече координаторот на советничката група на Коалицијата за подобра Македонија при Советот на Општина Куманово, Драган Петковски.

На последната седница, Петковски упати прашања до градоначалникот кога може да се очекува оваа претпријатие да започне да работи и да ги даде првите резултати.

Одлуката е донесена, средствата се издвоени, а донесен е и актот за основање, рече градоначалникот Максим Димитриевски и додаде дека волонтерите кои претходно биле ангажирани во администрацијата сега се времено вработени, меѓутоа моментално работат во Секторот за урбанизам и комунални дејности.

– Во тек е постапка на обезбедување на сите потербни документи од надлежни државни органи и пред се основната и елементарната работа, а тоа е согласност за систематизацијата на оваа јавно претпријатие и таа е конечно добиена пред неполни десетина дена. Воедно е спроведена постапка за наоѓање на техничко решение и обезбедување на простор, бидејќи тие луѓе треба некаде да работат, а паралелно со тоа беше спроведена постапка во рамките на општинската администрација беше зголемен бројот на лица кои што од форма на волонтери поминаа во лица со времено вработување, стручно соодветно образовани, ахритекти, инжинери и други лица кои ќе работат во оваа јавно претпријатие и истите верувам дека во тек на месец јануари ќе бидат целосно ставени во функција, рече Димитриевски.

Општината според градоначалникот кадровски е веќе подготвена, а почетокот на работењето на оваа јавно претпријатие е во финална фаза.

– Прашање беше дали да се отпочне со работа пред завршетокот на оваа тековна година и да влеземе во еден процес на непотребно изготвување на завршна сметка и сите пратечки документи за јавното претпријатие или да се почека неполн месец за да се отпочне формално со функционирање на оваа јавно претпријатие, кое за да биде целосно ставено во функција ќе треба да склучи договор со овластено лице за вршење на процесот на јавни набавки, во процесот на јавни набавки да се доизврши набавка на потребни технички средства за функционирање на оваа јавно претпријатие, паралелно со тоа да се распише постапка за избор на агенција која ќе направи времени вработувања на почетокот на оваа јавно претпријатие, а потоа истите лица кои што се потребни со одредени лиценци за добивање лицецна за вршење на дејност од страна на Министерство за транспорт и врски на самото јавно претпријатие, а тоа е просторно, урбанистичко планирање и вршење на надзор, да се овозмножи негова целосна функционалност, додаде Димитриевски.

Првиот човек на градот се надева дека новото јавно претпријатие ќе отпочне со работа во март следната година, а дејностите со кои ќе се занимава оваа претпријатие целосно ќе биде образложена во периодот кој претстои.